21 век е, а во Македонија живеат деца фантоми
Од страна на Вечер -09/12/202029
Сподели
Постои присуство на дискриминација на децата по разни основи, загадувањето на воздухот е проблем за 2/3 од децата, одреден број од учениците немаат можност за следење на онлајн настава, а уште постојат и деца кои не се регистрирани во матична книга на родените. Ова беа главните укажувања од алтернативниот извештај на невладините организации за состојбата со правата на децата во Македонија.
Според претседателот на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, Драги Змијанац, состојбата со правата на децата е по надолна линија.
Во извештајот се наведува дека уште постојат деца кои не се регистрирани во матична книга на родените, таканаречени деца фантоми, од кои повеќето се Роми. Државата нема преземено мерки за елиминирање на практиката на тајно посвојување што не е во согласност со Конвенцијата за правата на детето.
-Децата не го уживаат целосното право на мировно собирање, дел од средношколците учесници на протести во изминатиов период беа изложени на закани од страна на училишните раководства, како и обиди за партиско етикирање во поширока јавност на тој начин рушејќи го граѓанскиот активизам, да го кренат гласот, силно да зборуваат за проблемите со кои секојдневно се соочуваат. Во однос на семејната средина и алтернативно згрижување, имаме повреда на правото на детето да остварува личен и непосреден контакт со родителот со кој живее- изјавиЗмијанац на денешната прес-конференција.
Во поглед на специјални мерки на заштита, во извештајот се наведува дека нема прецизна евиденција за број на деца на улица од кои најголем дел се Роми. Работата на улица е најзастапената форма на злоупотреба на детски труд и ретко се санкционира. Отсуствува системски одговор од државата за соодветна заштита и поддршка на оваа група деца и нивните семејства.
-Загадувањето на воздухот во урбаните средини е континуирано над европските стандарди и претставува алармантен проблем. Енормното аерозагадување во зимскиот период е проблем за 2/3 од децата, кои истакнуваат дека истото се одразува на нивното физичко и ментално здравје, им го ограничува секојдневното функционирање и ги принудува да останат во своите домови, додаде Змијанац.
Анализата од извештајот покажува дека државата не ги исполнува целосно минималните стандарди за елиминација на трговијата со луѓе. Постојат повеќе негативни практики во постојниот систем. Освен извештајот, исто така беше спроведен и анкетен прашалник за деца, во кој учествуваа над илјада деца од цела држава.
Васка Бојаџи, помлада истражувачка – специјалист за детски права на прес-конференцијата појасни дека како пречка за спроведување на Конвенцијата за права на детето е слабото спроведување на законите во државата, како и недостатокот на финасиски, човечки и други капацитети.
-Недостатокот на стретешкиот пристап, како на национално така и на локално ниво исто така претставува голем предизвик. Во Македонија последниот стратешки документ кој се однесува на заштита на правата на децата а тоа е националниот план за акција за правата на децата е истечен од 2015 година, и од тогаш до денес не е направена евалуација, ниту пак е донесен нов стратешки план, што значи дека државата буквално е без план како да ги унапреди правата на децата, појасни Бојаџи.
Во поглед на насилството врз децата, во извештајот се нагласува дека 10 отсто од децата биле жртва на насилство, повеќе од 20 отсто познаваат некој врсник кој бил жртва на насилство, при што најчесто станува збор за врсничко насилство.
Во поглед на општата здравствена состојба, таа посочи дека постои сериозна загриженост за нискиот човечки капацитет во здравствениот сектор, особено намалениот број на педијатри и несоодветната обезбеденост со лекари во дејноста за здравствена заштита на училишни деца и младина. Децата наведуваат бројни случаи кога нивни врсници не добиле соодветна лекарска помош, особено од почетокот на пандемијата од Ковид-19.
Подготовката на овој извештај ја раководеше Детската амбасада Меѓаши, а придонес дадоа и повеќе од триесет организации и неформални граѓански групи, од кои најголемиот дел се членки на Македонската национална коалиција за правата на детето.
Извештајот е поднесен до Комитетот за правата на детето при ООН, како дел од периодичниот циклус на известување за спроведувањето на Конвенцијата за правата на детето во државата.